Промоција на младинско учество – тренинг во Лесковац, Србија

leskovac-grupnaЖивееме во време кога барањето работа може да биде навистина непредвидлив и нефер процес. Младите луѓе се почесто, своите планови за вработување, ги насочуваат надвор од границите на нашата земја. Што не е во ред со нашиот систем? Бројни фактори влијаат на овој проблем. Дали завржувањето на високо образование е доволно за да се најде сериозна работа, или дали неформалното образование дава доволен удел во стекнувањето на потребните вештини и знаења за ефективност на одредена работна позиција? Доколку да, кои се тие вештини и како можам истите да ги искористам при потрагата за работа? Овие прашања се најчесто поставувани од младите во нашата земја, каде процентот на младинска невработува се зголеми на 54%

Многу тренинзи ја опфаќаат истава тема со цел да ја подобрат економската клима и да ја зголемат младинската вработеност. Еден од нив е и интернационалниот тренинг насловен „Промоција на младинско учество за финансиски загрозени млади“ на кој имаа можност да учествуваат Горан Стојаноски и Михајло Тошевски, како членови на Младите можат.

Тренингот беше организиран од НВО „Нардони парламент“ и поддржан од Советот на Европа и се одржа во Лесковац, Србија во периодот од 1 до 7 јуни 2012. Тренингот беше наменет за 30 млади од Србија, Македонија, Романија, Грција, Црна Гора, Босна и Бугарија, кои се соочуваат со социјална и економска исклученост поради невработеноста и финансиските потешкотии причинети од неповолната економска клима и недостатокот на работни места за младите. Дополнително, беа вклучени и учесници од Турција, Азербеџан и Италија.

Учесниците имаа можност детално да научат што е тим билдинг и планирање, нови методи на информално учење и групен менаџмент, како клучни компоненти за имплементирање на проект, а потоа имаа можност практично да го применат знаењето преку серија на вежби, како и интересни и креативни игри и задачи. Во вториот дел од тренингот, учесниците, поделени во тимови, опфатија теми од секојдневниот живот, кои ги засегаат младите на Балканот и работеа на креирање проект кој ќе се справи со овие предизвици на младите.

Десет различни земји, десет различни јазици и триесет млади на едно место. Бура на идеи изградени во една фузија. Си заминаа од тренингот со еден заклучок: Главното решение за младинската невработеност не е завршувањето на високо образование. Нашиот кариерен план треба да биде поддржан со големо работно искуство, со наш активен придонес во заедницата и со наше практично, формално и неформално надградување. Младите мораат да ги разберат вистинските вредности на младинското учество. Не смееме да бидеме жртви на нашиот систем за вработување, туку да го трансформираме во систем каде вработениот ја има главната улога и глас. Активни млади, одлучни да се вклучиме.. ја имаме таа енергија!