Уште една успешна иницијатива спроведена од младите за младите. 6 млади волонтери успеаа да мотивираат над сто и дваесет млади луѓе кои имаа прилика да ги чујат испиративните приказни на говорници за нивниот пат кон успехот, како и да учествуваат во работилниците кои имаа за цел да ја прикажат важноста на неформалното образование и да ги запознаат младите какви можности неформалното образование нуди за личен и професионален развој.

Иницијативата произлезе од проектот „Make a change: BE A VOLUNTEER“ кој има за цел да го промовира концептот на волонтерството. Покрај низата на обуки поделени во три модули, учесниците беа поделени во тимови и добија задача да спроведат иницијатива со која ќе придонесат во решавање на проблемите со кои се соочува нашето општество. Овие шестмина млади сметаа дека во Македонија, младите не се доволно мотивирани да работат на себе, па затоа со организирање на мотивацискиот ден дадоа свој придонес во промената на ваквата состојба.

Како да менаџираш компанија со 300 вработени? Со какви предизвици ќе се соочиш? Ова беа само дел од прашањата кои Филип Попов – комерцијален директор на Медикус Плус ги одговори на публиката. Потоа следуваше, Нина Ангеловска, млад менаџер и извршен директор на Групер.мк, кој успеа да го промени пазарот на онлајн услуги. “За успех треба знаење, работа и многу труд” им порача таа на присутните. Првиот панел го компетираше Никола Бојков, директор на IM.mk, компанија специјализирана за маркетинг на социјалните мрежи.

Потоа следуваше првата работилница на тема „Неформално учење: можност за учење, усовршување, искуство!“ , спроведена од Горјан Славковски, кој преку неа ги запозна присутните со важноста на неформалното образование и предностите од волонтирањето. По кратката пауза, на сцената настапи Коста Петров, основач и извршен директор на „Пи Ворлд“, кој порача дека “Сите успешни луѓе грешат, успешни се поради тоа што учат од грешките”. Говорот на Хајан Селмани, основачот и извршниот директор на „HASELT“ беше следен. Toj им покажа на присутните дека секоја пречка може да се надмине, дека немањето услови за надоградување е само изговор и дека секој може сам да го достигне „плафонот“. Сања Апостолска, основачот на danaucime.mk говореше за тоа колку работењето на волонтерска основа може да ти донесе успех. Исто така на присутните им посочи дека нема ништо страшно да се впуштат во непознатото и постепено да учат при соочување со пречките кои се јавуваат. По говорот на Сања беше одржана втората работилница на тема „Активирај се!“.

Во третиот дел, Ана Пискачева говореше колку неформалното образование и членувањето во невладина организација и помогнало да го постигне денешниот успех преку што испрати порака “Секогаш работи го тоа што ти лежи на срце”. Ирена Чаушевска од центарот за едукација „Seavus“ ја сподели својата животна приказна која имаше за цел да им докаже на присутните дека секој удар зададен од животот може да се надмине и да се продолжи понатаму кон остварување на својата цел. За крај, последен, но не и најмалку важен беше говорот на Лазар Ѓуров, основач на Симбиотика, кој и се спротивстави на тезата дека никогаш не треба да се откажуваме, туку дека ако не успееме да го пронајдеме вистинскиот начин, најдобро би било да се откажеме и да почнеме од почнеме од почеток користејќи поинаков пристап.

Иницијативата беше успешна, присутните беа и повеќе од задоволни, си заминаа мотивирани, полни со ентузијазам и спремни да напредуваат и да успеат, па еден ден и тие да можат да застанат на местото на нашите говорници и да ја споделат приказна со други млади луѓе кои ќе се огледаат на нив.

Голема благодарност и до медиумите кои имаа голема улога во промовирањето на иницијативата и известувањето на јавноста за овој настан.

Ние искрено се надеваме дека ќе успееме да организираме уште неколку вакви настани со цел на што повеќе млади луѓе да им го понудиме она што им беше понудено на присутните на овој мотивациски ден.