Емоционално интелигентна младина– уште една иницијатива во низата на успешни. Седум млади лидери инспирирани од големото значење на поимот Емоционална интелигенција, решија да преземат голем чекор за да ја запознаат јавноста и да ги обучат младите за термин, кој не беше доволно истакнат и чија важност не беше издигната на ниво на коешто навистина заслужува да биде.

Иницијативата  произлезе од проектот „Youth Leadership Initiative, чија цел е да ги поттикне младите да работат на својот лидерски потенцијал и да се градат себеси како успешни личности подготвени да преземаат акции и да влијаат на позитивни промени во општеството. Имено, како почеток на проектот е првиот Лидерски камп на Младите можат, кадешто покрај интензивните предавања, сесии и теоретски вежби, учесниците беа поделени на три групи и имаа за задача да работат на иницијативи кои ќе придонесат за подобрување на животот во заедницата. Овие 7 млади лидери детектираа низок степен на информираност за значењето на поимот Емоционална интелигениција и во наредните три месеци посветено и мотивирано работеа на подобрување на истиот.

„Да се има емоционална интелигенција значи да бидете способни да ги „прочитате“ и разберете чувствата на другите луѓе, како и да дознаете што е она што ги мотивира. Разбирањето на вашите и туѓите емоции е основен и неопходен чекор на патот кон реализирање на вашите амбиции и цели, во бизнис светот и во вашите лични односи со другите луѓе.” Токму тоа беше и целта на самата иницијатива. Да се информираат и запознаат младите со концептот на Емоционална интелигенција, а воедно и на одреден дел од нив да им се овозможат подлабоки знаења и практични вежби на темата, се со цел да го подобрат квалитетот на своето живеење.

Иницијативата опфати два дела. Првиот дел започна со анкета за запознаеноста на младите со Емоционалната интелигенција. 100 млади луѓе беа анкетирани и резултатите покажаа дека 97% од нив имаат слушнато за поимот, но само 8% знаат што тој всушност значи. Токму овој факт беше инспирација за креирање на фејсбук страница со речиси 1000 лајкови кадешто се објавуваа текстови на темата. Исто така, ги посетивме и трговските центри: Сити мол, Рамстор и Капитол, каде над 300 посетители имаа можност, на интерактивен начин, да се запознаат со аспектите на Емоционалната интелигенција.

 Во вториот дел следеше и најголемиот предизвик. Организирање  циклус обуки на истата тема, кој опфати 40 средношколци и студенти. Циклусот обуки започна со настан на кој поканетите говорници имаа можност да говорат за Емоционалната интелигенција од свој аспект, односно како тие се справуваат со емоциите во нивниот приватен и професионален живот. Потоа учесниците присуствуваа на четири дневни обуки спроведени од страна на предавачите од “Психеско-прво македонско здружение на студенти по психологија”, кои се одржаа на „Бизнис Академија Смилевски-БАС”, каде добија конкретни знаења на темата.

Иницијативата помина и повеќе од успешно. За тоа говорат и самите учесници кои беа презадоволни од содржината на обуките, а исто така и големиот број на млади луѓе кои се интересираат за темата и  пристапуваат со барање  и понатаму да се организираат  вакви настани и да им дадеме можност и тие да се запознаат со целиот концепт на Емоционална интелигенција и неговата голема важност.

Изразуваме огромна благодарност до соработниците кои одиграа голема улога во успешното реализирање на целата иницијатива.