Во моментот кога ги видовме резултатите од Мотивациски ден, кој беше организиран во март годинава, бевме сигурни и си ветивме дека настанов ќе се повторува. Речено, сторено! Месец септември за нас, а и за сите присутни, ќе остане запаметен по Мотивациски викенд.

Во последните неколку месеци Младите можат напорно и посветено работеа на подготовките на овој настан. На 27 и 28 септември 2014, во Македонската опера и балет (МОБ) истиот беше и реализиран.

Ќе се обидеме, барем делумно, да ви ја доловиме атмосферата. Замислете си, голема сала, полна со позитивна енергија, ентузијазам, надежи и соништа на патот кон нивното остварување и многу мотивација. Вака во неколку збора би го опишале Мотивациски викенд, но прашањето е што ја предизвика таквата атмосфера?

Одговорот би бил, над двестотини млади луѓе, секој на својот животен пат, секој со своја визија за иднината, дванаесет говорници кои несебично ја раскажаа својата историја полна со приказни за нивните подеми и падови, како и со мисли и совети кои ги упатија до слушателите. Свој голем допринос кон целата оваа слика имаа и работилниците одржани за време на настанот. Работилници, од различна природа, едукативни, но и забавни, кои ги раздвижија и телото и умот на присутните.

Разновидноста на говорниците беше она што го направи овој настан посебен и поинаков од претходниот, а заедничкото за сите нив, љубовта кон својата професија која присутните ја почувствуваа во нивните говори, беше она што го направи настанот успешен.

Секој говорник со своја порака, секој говор со своја поука. Филип Тасевски ни ја претстави едукацијата како слобода, а знаењето како моќ, неговиот успех да работи и ужива како музичар и како графички дизајнер, не научи дека со доволно труд можеме да успееме во повеќе од една работа. Љупка Наумовска ни ја посочи субјективноста на успехот и не потсети да се грижиме и да го негуваме „детето во себе“, бидејќи без него, како што вели таа, ќе ја изгубиме и нашата креативност. Преку својот говор, Петар Лазаров ни ја долови важноста од баланс на теоријата и праксата на патот кон успехот и важноста на жртвувањето за превенција од каење во иднина. Во „тефтерот на идентитети“ на Васко Марковски, кој тој несебично им го претстави на присутните, ја забележавме динамичната природа на човекот и неговиот стремеж да направи се за да постигне состојба на среќа. Љубовта кон танцот на Нина Лековска која беше главен елемент во нејзиниот говор, ни докажа дека соновите се исполнуваат доколку се ослоните на она што ви лежи во срцето, а не на книги за успех и лидерство. За важноста на неформалното образование и интернетот, како креатор на нови можности за кои можеби и никогаш не сме размислувале, трудот и поставувањето на лични принципи проговори Василка Димитровска, која иако од секогаш знаела дека археологијата е нејзината љубов, смета дека без овие елемента таа не би била онаму каде што е. Лора Диксон не научи дека покрај тоа што треба да бидеме водачи, понекогаш треба да бидеме и водени, не советуваше секогаш да бараме помош од останатите и постојано да бараме страст и мотивација во себе. За различната перцепција на индивидуалниот сон говореше Александра Шекутковска, која ни препорача секогаш да креираме сценарио за да го исполниме нашиот сон. Дамир пух ни ја претстави музиката како потоказ во животот, а уникатноста и општествената корисност како човекови доблести.
Андријана Петковски ни бeше уште еден пример за тоа колку трудот, посветеноста и страста се исплатат, особено кога станува збор за дејност исполнета со креативност и динамичност, како што е танцот. За еден млад човек да успее, потребно е постојано да си поставува цени, не подучи Љупчо Антовски, кој за успешните луѓе вели дека тие никогаш не престануваат да работат. Секаде, секогаш и од секого може да се научи, се согласивме со Огнен Јанески кој живее по ова свое мото и кој преку своето работни искуство научил секој неуспех да го претвора во успех, па и нас не советуваше да го правиме истото.

Разновидни говорници, но и разновидни работилници. Малку се размрдавме танцувајќи салса со професионалците од студиото за танци „Сонриса“,за да можат присутните, како што велат тие, да ги искористат секогаш кога ќе чујат звуци во ритамот на салсата, но и се едуциравме. Александар Костовски од Seavus Education and Development Center, одржа едночасовна обука за креирање на игри. Александар укажа на тоа како карактерот што вие како креатор на играта, сте го креирале треба да се соживеете, се грижите за самиот карактер кој мора да делува допадлив и да поседува особина која го одликува како херој. Проекцијата на филмот „Start-up Kids“ ги мотивираше идните млади претприемачи уште следното утро да преземат нешто околу реализација на своите планови. Бизнис академијата Смилевски, на присутните им понуди на го пополнат MBTI тестот кој служи за мерење на психолошките параметри за тоа како луѓето го гледаат светот и како донесуваат одлуки.

Нетворкинг забавата кон крајот на денот ни овозможи да се запознаеме и да поразговараме со дел од присутните на настанот. На нивните лица се гледаше задоволство, при разговорот со нив ја проценивме успешноста на настанот, нивните прашања и коментари не охрабрија да започнеме со планирање на следните вакви настани, се подобри и се поголеми.

Тимот на Младите можат, посветено работеше да го овозможи сево ова и како и се во што ќе се вложи доволно време, љубов и посветеност, трудот се исплатеше.