На истото место, по точно една година Мотивациски викенд 3. Настан кој од година во година расте и ни докажува дека младите знаат да го следат својот сон. На 03 и 04 Октомври, во просториите на Македонска опера и балет (МОБ) беше епицентарот на поттикнување на успех и соработка. По неколку месеци макотрпна работа, организаторите на своите места, подготвени за продолжување на традицијата.

11 успешни говорници со 11 инспиративни приказни. 5 едукативни и забавни работилници на различни теми за развој на вештини на секој млад човек. Голем број млади луѓе, мотивирани, ентузијастични  и подготвени цврсто да чекорат кон остварувањето на посакуваните соништа.

Саботно попладне, нешто малку по 16ч, атмосферата во МОБ веќе вриеше. Лавина од млади, љубопитни луѓе полека ја исполнија салата. Настанот го отвори Александра Пановска, нашата Метрополис девојка во улога на модератор, која со својот шармантен глас му даде посебна магија на овој Мотивациски викенд.  Веднаш по неа на сцената стапи Иван Јованов, Претседателот на Младите можат, кој ја објасни целата идеја и како настанот прерасна од Мотивациски ден во Мотивациски викенд.

Првата дама која го “скрши мразот” беше Викторија Ланговска, млада дизајнерка и еден од основачите на креативното студио Преплет, која својата главна инспирација ја влече од секојдневието кое не опкружува, за кое смета дека е едно од најдобрите мотивации доколку знаеш како го преточиш во нешто конкретно. Дамата која го наследи микрофонот беше Даниела Нелепа, претседател на  Macedonian Solid Waste Association (МaSWA) и директор на Ф – групацијата, која вели дека ако сте водени од вистинска и искрена идеја, можности секогаш ќе има, и важно е да ги препознаете и зграбите. На младите им препорача да се слушаат себеси, никогаш да не се откажуваат од нешто што го сакаат, да шират љубов и да бидат секогаш свесни за своето постоење. Првиот господин кој стапна на бината беше Кочо Андоновски, борец за човекови права и директор на ЛГБТ центарот за поддршка, кој порача: „Секогаш е вашето време, бидејќи вие сте носители на вашето време”. Ана Јовковска, новинарка, продуцентка, активистка, хуманистка и авторка, посочи дека е важно, на животниот пат, да не се изгубиш себе во успех и успешно да ја задржиш мотивацијата и жарта за она што го работиш, што те дефининира тебе и на личен и на професионален план. По Ана, следеше Гоце Арменски, , вонреден професор на ФИНКИ, основач на компанијата iVote и ИТ експерт за ЕУ, кој своето излагање го отвори со реченицата “Внимавајте што посакувате во животот – сигурно ќе ви се оствари”. Гоце ја следи Дарвиновата изрека – не преживуваат најсилните, туку најадаптибилните. Последен за првиот ден, настапи Мухамед Зекири, новинар и главен и одговорен уредник во телевизија Алсат-М, чија мисла гласеше: “успеваш само ако веруваш во себе, и ако на патот кон успехот не ве поколеба што велат и мислат другите”.

Ако првиот ден го започнавме со прекрасна дама, вториот ден од овој интензивен Мотивациски викенд го стартува господинот Александар Тасев, инженер, менаџер, активист, основач на Суперфаундерс, кој ги охрабува сите да „скокнат во длабокото“ со самодоверба и да не се плашат од сите предизвици на кои ќе налетаат, кои иако ќе се многубројни, не значи дека се ненадминливи. „Поместувајте ги вашите лични граници“, порача Лазар Ѓуров, професор на Воена академија и БАС, Претседател на институтот СИМБИОТИКА , консултант, обучувач и еден од основачите на Младите можат, кој го преточи своето искуство во 13 насоки за надворешен успех. Дел од нив се следните: Биди постојано (здраво) самокритичен! Биди отворен за фидбек и почитувај го туѓото мислење! Не се задоволувај со малку, ти заслужуваш среќен и исполнет живот! Најди ја професијата за која си создаден! „Човек никогаш не треба да се откажува од нешто што сака“, рече Катарина Ивановска, светски познат топ-модел. „Вложувајте во себе, градете се како личности и ќе стигнете до вистинскиот успех!“. Питер Тоинуз, , експерт во областа на човекови права и меѓународен тим лидер на Цивика Мобилитас, издвои неколку инспиративни пораки. „Она што умот може да го креира, ти можеш да го оствариш!“, „Целта е само идеја со краен рок!“, „Твојата најголема можност е токму сега и токму тука!“. Последната за овој викенд беше младата дизајнерка и креаторка Ирина Тошева. Многу љубов и многу компромис, се клучните елементи што ја дотуркале Ирина таму каде што е сега.

Покрај инспиративните говорници, беа спроведени и неколку работилници за стекнување со вештини и зајакнување на личниот развој на младите. Дечките од Hitlancer на сите почетници фриленсери, советите кои им ги поделија беа да бидат креативни, да се заштитат себе како личност и работник, да ги користат сите можности кои ќе им се укажани за да ја постигнат посакуваната цел. Лазар Ѓуров одржа и работилница за успешно менаџирање со време. Младите воочија дека она што го карактеризира времето е дека тоа е континуирано, неповторливо, циклично и ограничено. Нела Јолеска од EQ Excellence ги запозна младите со поимот Емоционалната интелигенција, како круг од шеми за тоа: кој сум јас, како анализирам, колку сум критичен, како се мотивирам, како се прифаќам, која е мојата цел. Заљубените во музиката и танцот научија и неколку основни чекори кога е во прашање модерниот танц, благодарение на дечките од танцовото студио “Битрикс”. Центарот за менаџмент, консалтинг, образование и обука “Мотива” одржа работилница за невербална комуникација, како важен сегмент од секојдневното општење.

На нетворкинг забавата младите имаа можност да се запознаат лично со дел од говорниците да ги споделат своите идеи и искуства. Од разговорите кои ги споделија со нас, забележавме и идни можни соработки, како и потенцијлните говорници на некој од идните Мотивациски викенди. За успешноста на настанот ни честитаа и самите, а ентузијазмот и мотивацијата која ја видовме во секој млад човек е наш поттик за вложување уште повеќе труд, љубов и напор во организација на уште подобри и поголеми настани од ваков карактер.

Голема благодарност до сите спонзори кои максимално се потрудија да придонесат во поуспешно спроведување на настанот, како и до медиумите кои одиграа голема улога во промоцијата на Мотивациски викенд 3.