10668426_10203810815684650_1987465492_n-467x350

Како YES програмата го збогати мојот живот?

Ако имате шанса да живеете една година во прекрасно Американско семејство, со различни вредности и навики од вашите, дали би прифатиле? Ако имате шанса да стекнете долгогодишни пријатели кои се растени и живеат во поразлична средина од вашата, дали би прифатиле? Ако имате шанса да научите како да бидете сам свој човек и лидер на 16 или 17 години, дали би прифатиле? Ако имате шанса да го живеете The American Dream, дали би прифатиле? Секако дека ДА! Јас прифатив и во ниту еден момент не се покајав. Kennedy Lugar Youth Exchange and Study (YES) програмата ми го овозможи ова и многу повеќе.

Со свои неполни 16 години, аплицирав за оваа целосна стипендија без имајќи никаква претстава дека јас не само што аплицирам за стипендија, туку за промена на мојот дотогашен живот. Кога дознав дека ја добив стипендијата, не можев на нозе да се додржам. Одам во Америка!

10704923_10203810815564647_1680121465_n-500x248
Се качив на првиот авион во мојот живот и одлетав, заедно со уште 11 исплашени, но возбудени души. Кога стигнав воДетроит, што да видам.. седум луѓе ме чекаа со знак “Welcome home Kiki!” (уште си го чувам постерот). Овие седум луѓе беа мое семејство во тие 10 месеци, но се уште се и ќе останат мое семејство каде и да сум.Илјада зборови да напишам за тоа колку е убаво човек што не ве познавал до вчера, денес се грижи како да сте негово дете нема да ја доловам вистинската суштина – тоа е нешто што мора да се почувствува на своја кожа.

 

10668426_10203810815684650_1987465492_n-467x350

Прв школски ден? Жолто автобусче баш како на филмовите. Училиштето? Со метални шкафчиња со комбинации. Учениците? Седнуваш на ручек и ти си ѕвезда, сите ги интересира од каде си, колку години имаш, во каков град живееш, дали има деца што одат со камили на училиште (да, да, и вакви прашања има кога ќе кажеш дека живееш во топлата Македонија), имаш ли пристап до интернет. Можеби се смеете читајќи ги прашањава, но мене ми беше огромно задоволство да ги одговорам овие и останатите интересни прашања. Зашто? Стануваш дел од нив и тие дел од тебе.

 

 

Денес, со 19 години, јас дефинитивно можам да кажам дека YES програмата е најмногу заслужна за мојот досегашен личен и професионален развој. Станав независна, решителна, посамоуверена млада девојка која не само што има прекрасно семејство и пријатели преку барата, туку и ширум светот!

Да можам, би напишала безброј страници за моето искуство во Америка, но сето тоа би било само мое лично искуство. Искрено се надевам дека ова мало текстче ве насмевна и заинтересира. Ако е така, разгледајте го флаерот подолу и направете го првиот чекор да се збогатите со неверојатно искуство кое дефинитивно ќе ви го промени животот.

Не заборавајте, вие сте креатори на вашето искуство, па направете го добро :)

Автор: Кристина Илиевска, член на Извршниот одбор на Младите можат

10681490_10203810816084660_1907724076_n-247x350