Итно поништување на изборите за Претседател на СПУКМ и креирање услови за фер и демократски избори

Здружението на граѓани Младите можат, каде поголем дел од членовите се студенти и кое се залага за учество на младите во сите општествени процеси, апелира на поништување на вчерашните избори за Претседател на СПУКМ, кои ги смета за нефер и недемократски.

studentski-izbori-2016.pg

Имено, при вчерашниот избирачки процес, како што известуваат медиумите, претставниците на Студентскиот пленум, како и самите студенти, на студентите на УКИМ им било скратено правото на тајно гласање, бидејќи на избирачките места не биле обезбедени соодветни паравани за гласање. Дополнително, изборната комисија ја сочинувале нелегитимирани членови, наводно назначени од страна на СПУКМ, на чело со Кирил Спировски, кој веќе две години е нелегитимен студентски претставник со истечен мандат за таа функција. На самите избирачки места не постоела јасна евиденција на студентите кои имаат право да гласаат на тоа избирачко место, ниту пак на студентите кои веќе го оствариле правото на глас. Гласачките ливчиња не биле соодветно означени за да се потврди нивната валидност, а и самите кутии за гласање биле облепени за да не може да се види содржината на истите. Дополнително, по затворање на избирачките места, гласачките кутии биле насилно изнесени и пренесени до канцеларијата на СПУКМ, каде со полициска интервенција се спречил пристапот на студенти.

Исто така, Младите можат најостро го осудува третманот на полициските сили кон студентите кои се обидоа да го бојкотираат процесот на избор на нов Претседател на СПУКМ поради непостоењето услови за фер, партиципативен и демократски избор.

Вчерашните случувања беа директен удар кон студентските права, како и кон правата на сите млади од Македонија да учествуваат во процесите во земјата. Ваквата состојба во земјата создава загриженост за понатамошниот развој на младинското учество и младинскиот активизам.

Апелираме до сите засегнати страни, вклучувајќи ги избирачката комисија на СПУКМ, ректорот во заминување Велимир Стојковски и идниот ректор Никола Јанкуловски, да се поништат вчерашните избори и да се обезбедат услови за демократски избор на Претседател на СПУКМ, почитувајќи го правото на студентот и каде најстрого ќе се внимава на принципите на тајно гласање, транспарентност и целосна инклузивност на студентите.

Дополнително, ги повикуваме студентите, студентските и младинските организации и целата академска заедница да инсистираат за креирање услови за спроведување процес за избор на лидер на претставничкото тело на студентите, како и на целосна вклученост во истиот.