slika-3-500x238

Искуството на еден учесник на младинскиот тренинг „Како правилно да се искористат новите технологии во промовирање на вашата НВО“ во Полска

Да имаш прилика да посетиш една прекрасна држава како Полска, а притоа да имаш можност да запознаеш луѓе од 13 други земји, вклучувајќи ги Бугарија, Грција, Литванија, Полска, Унгарија, Латвија, Шпанија, Белгија, Португалија, Хрватска, Италија, Романија и Словачка и да научиш како успешно да го пласираш твојот “продукт“ на маркетот за невладини организации е неповторливо. Како член на Извршниот одбор на една младинска организација ова беше искуство и пол за мене – си помислив „супер, нови луѓе = нови партнерства + пријателства“.

slika-3-500x238

Од 2ри до 10ти август 2014, во областа Swieradow-Zdroj, Полска се работеше на проектен менаџмент, NGOspeed dating, користење на аналитички алатки за твојот продукт, правилно користење на социјалните мрежи во промовирање на твојата организација, креирање на драфт проект за понатамошна соработка меѓу учесниците и нивните организации, откривање на маркетиншки трикови, и меѓу сето ова се и прошетка низ Вроцлав, спорт и рекреација и неколку интернационални вечери исполнети со уникатни јадења и пиење, традиционална музика, многу забава, смеа и дружба.

Навистина беше интересно да се види какви се организации има, за која цел биле креирани, на што работат, да се презентираат нивните практики кога станува збор за промоција, креативност во проекти и маркетинг, како одржуваат комуникација со другите организации, институции и најважно, со нивните членови и таргет група/и.

slika1-500x333За мене лично, една од најинтересните активности беше креирањето на вистинските проекти во група со членови на други организации. Уникатен беше начин на кој тоа беше изведено – најпрвин сите напишавме на што би сакале да работиме, која област нас не’ привлекува, потоа овие области беа групирани во 4 групи на пошироки области, а пак овие 4 групи на проектни идеи беа поделени меѓу 4 групи на учесници од 4-8 луѓе. Беше доста интересно што и покрај различните идеи со некои сличности, се склопи една заедничка идеја на која се работеше неколку дена, со помош на менторите и тренерите, за да дојдеме до целосен project proposal.

 

Покрај сета „работа“ од јутра до сутра што би се рекло, вечерите беа исполнети со забава, смеа, дружба меѓу учесниците особено на интернационалните вечери, каде што пробуваш белгиско чоколадо, романски слатки кои се произведуваат по оригиналниот рецепт и имаат ист лик како од Втората светска војна, хрватска домашна ракија чувана 14+ години, грчко ѕаѕики, слатко шпанско вино и многу други специјалитети.

 

Не сум долго време вклучена во невладиниот сектор, нема ни година дена, ама досега имав можност да посетам 3 тренинзи, обуки и младински размени надвор од Скопје и Македонија и можам да кажам дека чувството дека се забавуваш додека учиш и работиш е супер. Им препорачувам на сите млади да се пријавуваат на вакви настани зашто верувајте, секогаш излегува подобро одошто сте очекувале. Дури и да не е така, секогаш може нешто да се научи, и како нешто треба и како нешто не треба.