„Имајте отворен ум кон се што ве интересира“ – Интервју со Сандра Костадинова, дипломиран професор по англиски јазик

Младите навистина можат.

Започнуваме со серија на интервјуа со млади луѓе кои потекнуваат од Македонија, но во моментов студираат и/или работат надвор од земјата. Тие ќе ги споделат нивните искуства, како стигнале до Универзитетите и работните места ширум светот, колкави се можностите за младите од Македонија, каков е студентскиот живот во земјата во која се во моментот, како и колку е важна вклученоста во граѓанскиот сектор и искуството стекнато во него во процесот на аплицирање за работа или студии во странство.

Прва за разговор е Сандра Костадинова, дипломиран професор по англиски јазик, член на Младите можат, а во моментов студент на Магистерски студии во Данска.

1.Како се реши да аплицираш за да одиш на размена во друга држава, поточно, прв пат во Соединетите Американски Држави?

1979747_10151990834247479_1279410413_n-300x225

Тогаш студирав Англиски јазик и книжевност на филолошкиот факултет “Блаже Конески” во Скопје, и сакав одредено време да поминам во место каде што се говори англискиот јазик за да се стекнам со практика, но сакав тоа да го сторам во академска средина. Стипендијата која тогаш ја доделуваше Институт отворено општество – Њујорк беше совршена за такво нешто. Процесот на апликација беше доста напорен и нешто со кое што се сретнав за прв пат. Не дозволував да бидам обесхрабрена ниту од преголемите барања, ниту пак од преголемата конкуренција, и за среќа ја добив стипендијата за да студирам една година на Универзитетот во Остин, Тексас. Исто така оваа програма опфаќаше не само имерзија во академската средина во САД туку и во општествениот живот, со цел да видиме како живеат просечните луѓе и да помогнеме да се решат одредени проблеми во местата во коишто живеевме. Како и во секоја поголема одлука во животот, внатрешната мотивација и желбата за себе-актуелизација имаше најголем удел во решението да студирам во странство

2. Потоа, отиде да работиш во Русија. Какво искуство носиш од таму?

Во склоп на моите додипломски студии имав одреден дел на практична работа којашто требаше да ја исполнам и решив да го направам тоа преку летно стажирање преку платформата АИЕСЕК, и една приватна гимназија од Москва беше многу заинтересирана за мене како кандидат и ми понуди добри услови, иако Русија не беше земјата во која што сакав да стажирам. Соработката од тој стаж прерасна во двегодишен работен договор со гимназијата. Работното искуство што го добив таму го зацементира патот по кој чекорам денес. Бев многу среќна да најдам работа на мојата струка уште во текот на студирањето и како млад професионалец со многу елан и задоволство се предадов на својата работа. Видов дека универзитетското образование, барем такво какво што е во моментов во Македонија ни оддалеку не не’ спрема за пазарот на труд и дека компетенциите кои ги имав стекнато со волонтирањето во невладини организации и учеството во многу семинари и конференции, беа тие што беа пресудни за успех во првите неколку месеци. Рускиот образовен систем е доста интересен, и поверсатилен во однос на македонскиот, беше привилегија да бидам дел од вработените во мојата гимназија, а тоа значи и дека бараше многу и од учителите и од учениците.

3. Во моментов си во Данска на постдипломски студии. Може да ни кажеш нешто повеќе за тоа. Што студираш таму, како отиде, каков е животот и образованието во најсреќната држава во светот – Данска, како и кои се можностите за студентска и културна размена, стажирање и продолжување на образованието и можностите за Македонците?

1981997_10151990834172479_1158952692_n-300x200

Моментално сум дел од програмата JoinEU-SEE која стипендира млади луѓе од Западот да студираат на Балканот и обратно, како редовен студент во Универзитетот Орхус. Во последната година од работата во Русија почнав да размислувам во која насока сакам да оди мојата кариера, и одлучив дека ми се потребни доквалификации. Програмата која ја студирам беше достапна во неколку универзитети во Скандинавија, Германија и Англија. Мило ми е што одлучив да дојдам во Данска, бидејќи е добро место да растеш академски и да соработуваш со професионалци од разни полиња. Постојат одредени стипендии за македонските студенти, како мојава, но и самите универзитети нудат финансиска помош, која им следува на данските студенти. Што се однесува до културната, па и студентска размена, Данска срдечно ги има отворено своите врати и е втора земја во светот, после САД, во привлекување на меѓународни професионални таленти, се’ со цел да се допринесе кон иновација, напредок и меѓународна мрежа на соработка.

4. За време на студиите во Македонија беше активна во граѓанскиот сектор, а сега си и Youth Goodwill Ambassador во Данска. Што значи тоа и какво искуство имаш од овие воншколски активности?

Воншколските активности отсекогаш биле моја омилена активност, бидејќи тоа е местото каде се чувствував доволно храбра да дадам свое мислење и да имам чувство дека тоа мислење допринесува кон нешто поголемо. Како по традиција, активирањето во граѓанскиот сектор продолжи и тука. Аплицирав да станам дел од Корпусот на младински амбасадори на добра волја на Данска, каде што 350 млади луѓе од преку 20 земји во светот работиме кон тоа да создадеме мрежа на луѓе кои не само си помагаат да напредуваат во данското општество и да се надградуваат, но и да најдеме начин како тоа да го доближиме до нашите родни земји, како да оствариме соработка меѓу нив и Данска, и како да им презентираме можности на младите за културна, но и студентска размена. Toa го постигнуваме преку организирање на настани од различен карактер, како на пример Вечер на данска култура кој што се случи неодамна во соработка со Универзитетот “Гоце Делчев” во Штип, и за информациите презентирани на овие настани ние сме претходно обучувани од дански и светски експерти по комуникација, поранешни министри, градоначалниците на градовите во коишто живееме, линкдин консултанти итн.

5. Совет за младите?

Мојот совет до младите е да имаат отворен ум кон се’ што ги интересира, да вложуваат безусловно во секој талент и интерес, бидејќи никогаш не се знае каква прилика ги чека. Можеби звучи и премногу идеалистички, но навистина верувам дека секој треба да го пронајде тоа што сака да го прави и да го усоврши, а подоцна и да најде начин како да го претвори во професионална определба.

1794763_10151990834382479_980014071_n-300x200