ЕВС- искуство кое вреди да се проба!

По завршувањето на факултетот веднаш се запишав на магистерски студии, најдов работа во која не се пронаоѓав и секој нареден ден само чекав да помине. Ме убиваше досада, па така трагајќи по ново искуство и нова авантура решив да отидам во странство. Да најдам работа беше многу тешко со оглед на тоа што не сме ЕУ членка, немам бугарски пасош и немам завршено медицина. По препорака на другарка, која во тој период само што се врати од истата програма, решив да барам проект за ЕВС. Не знаев речиси ништо за тоа, не знаев каде да барам сендинг организација и малку бев скептична. На страната за евс акредитирани организации ја најдов мојата сендинг организација „Младите Можат“, ги исконтактирав и за 5 минути ми одговорија на мејлот. Така всушност и започна мојата приказна како член на „Младите Можат“ кои ми помогнаа во целиот процес кој траеше прилично долго зошто сакав да најдам нешто што ќе ме исполнува, а не било каков проект.

Волонтирам и живеам во Улм, Германија. Овде да се биде волонтер не значи да вариш кафе, да копираш материјали, да седиш на фејсбук и да не знаеш што да правиш со себе. Од друга страна не значи да работиш за тројца вработени и се да биде на твој грб. Не значи да чекаш 4000 денари и никогаш да не ги дочекаш. Да бидеш волонтер значи да работиш најмногу 35 часови во неделата, а за тоа добиваш стан, јадење, карта за превоз и џепарлак. Покрај тоа платена е и авионската карта до местото каде што е проектот.

Мојот проект е поврзан со работа со деца од семејства со тешки социјални проблеми.Среќна сум што можам да направам барем за момент да се почувствуваат сакани, тоа многу им значи. Организираме излети, одиме на базен, во археолошки парк, на картинг, правиме ракотворби, готвиме, нудиме програма за време на распуст итн. Тоа се само дел од активностите. Секој ден гледам насмеани лица кои зрачат од благодарност.

Да се биде ЕВС волонтер значи и да патуваш, да запознаваш нови луѓе.

 10751663_10205341353714186_1430597978_n-500x331

Бев на семинар со евс волонтери кои доаѓаат од цела Европа и беше толку убаво што не сакав да заврши. Сите беа задоволни и со страст раскажуваа за својот проект и обврските кои ги имаат. По 7 дена требаше да одам на работа и обично сите сме депресивни кога после одмор или екскурзија се враќаме на секојдневните обврски, но овој пат бев среќна зошто знаев дека и неделата што следи ќе биде исто толку интересна и убава.

Да се биде евс волонтер значи да се здобиеш со животно искуство и вештини, значи да живееш сам и да си го организираш животот како што сакаш, да учествуваш на семинари, да си дел од Европски проект, да оствариш контакти кои во иднина ќе ти бидат од голема корист. Да бидеш евс волонтер значи да се разбудиш среќен и да го цениш секој момент, да го гледаш животот од друга перспектива.

Затоа, го советувам секој од вас да се обиде да најде нешто за себе, нешто што ќе го прави среќен и ќе му помогне да се изгради како личност, а ќе му помогне и од професионална гледна точка. Евс волонтер можеш да бидеш еднаш во животот, најмногу 12 месеци. Јас бев одбрана помеѓу 150 луѓе од цела Европа и ја добив шансата за која многу луѓе сонуваат. Обидете се и вие зошто да се биде дел од оваа програма е најубавото нешто што можете да го доживеете.

evs