Мотивациски викенд 4

Поведени од мотивацискиот пулс, по четврти пат и оваа година го спроведовме Мотивациски викенд на 30ти септември и 01ви октомври. Викенд, наменет за мотивација, инспирација, вмрежување и успех. Викенд, исполнет со дружење, одлични мотивациски говори, корисни работилници и млади кои сигурно чекорат по патот кон успех и себереализација.

Локацијата добро позната, концептот веќе традиционален. Преку 8 успешни приказни на нашите овогодишни говорници и 4 работилници за поттикнување на личен развој, над 200 млади се мотивираа, преку инспиративните приказни за успесите, но и за предизвиците.

Саботното сончево време не беше причина за салата Империјал во МОБ да не се наполни. Настанот и оваа година го отвори нашата модераторка и пријателка Александра Илиевска, која ги поздрави присутните, им се заблагодари за присуството и официјално го отвори настанот. На Александра веднаш и се придружи и Анита Николовска, Заменик извршен директор на Младите можат, раскажувајќи ја приказната за настанувањето на успешната приказна наречена Мотивациски викенд.

Прв да ја искуси нашата мотивациска сцена, во улога на говорник, ја доби Дарко Јовчевски, ко-основач и ко-сопственик на Вело кафе. Дарко ни раскажа како еден „маалски мубает“, може да се претвори во успешен бизни, каков што денес е Велокафе. „Ниту еден предизвик не е невозможно да се надмине. Колку повеќе креираш, толку повеќе ти се појавуваат можностите“, порача Дарко.

Најинспиративнот асистент, според анкетата на Факултети.мк, Марко Кртолица, водејќи се од мислата на неговата мајка, која вели „без разлика што ќе правиш, мораш да го правиш посветено и со љубов“, ни препорача дека ако се водите од овие принципи, успехот постои дури и во ова неправедно парче земја. „Стравот не е непријател, туку поттик да бидете подобри и поуспешни. Ако се преиспитувате дали сте успешни, ќе станете поуспешни.“, вели Марко, раскажувајчи ја својата приказна полна со предизвици.

По двата одлични говорници, направивме мала пауза која присутните ја искористија  за сите прашања кои немаа можност да им ги постават на говорниците, но и за дружење со останатите присутни.

Наредни на агенда беа првите две работилници. Присутните имаа можност да одберат согласно своите интереси помеѓу „Работни стилови“ или „Брендинг и дигитални маркетинг комуникации на старт-ап“. Љупка Наумовска , од маркетинг агенцијата Ханибиз, на самиот почеток им нагласи на учесниците дека „ Опасноста е во одложувањето “ и потоа преку интеракција, многу примери и дискусија со нив се обиде да им ги доближи интегрираните маркетинг комуникации и да им објасни дека „ Брендот е приказна

Маја Смилевска, консултант за личен и организациски развој, со експертиза во областа на организациска психологија, користејќи ги концептите на Организациска Трансакциска Анализа им објасни на младите како “Работните стилови” се каректеристични начини на однесувања кои, според ТА, се мотивирани уште во нашето рано детство, а имаат долгорочно влијание на нашите релации, одлуки и квалитет на живот.

 Снежана Лупевска, на сите нас добро позната новинарка и уредничка, но и единствена дама на сцената во текот на првиот ден, во своето обраќање посочи дека младите се позитивната енергија која ја има ова општество. Од нејзиното искуство, како формула за успех ја потенцира комбинацијата на енергијата на младите и искуството на повозрасните. Говорејќи за предизвиците во нејзината кариера, испрати посебна порака и за девојките во публиката. Нема машка и женска професија. Во вашата професија, ако сметате дека не ви е таму местото бидејќи сте жени,  треба да докажете дека баш таму ви е местото“, потенцираше Снежана.

Првиот ден од Мотивациски викенд, го затворивме со говорот на Петар Ниновски, основач и извршен директор на Brainster. Тој не водеше низ неговиот трнлив пат од најлош средношколец до најдобар студент, од човек без професија, до успешен претприемач. Како фактор за успех, Петар напомена дека „Сите претприемачи се самодисциплинирани, имаат свои цели, почитуваат рокови, исполнуваат ветувања, доаѓаат први, а си одат последни од работа.“. Својот говор Петар го заврши со мала „домашна задача“ за присутните. Ги предизвика да го искористат патот до дома за да си постават јасна цел која ќе ја напишат на парче хартија и ќе ја постават на видно место.

Денот го завршивме онака како што го почнавме, во ритамот на мотивацискиот пулс. Присутните си заминаа со импресиите од говорниците и работилниците кои ги проследија во текот на денот, а тимот на Младите можат со нетрпение ги очекуваше на повторно дружење и во текот на вториот ден од Мотивациски викенд.

Со големо нетрпение, го започнавме и вториот ден од овој Мотивациски викенд. Како прв говорник за вториот ден, го имавме Војкан Крстевски, ко-основач на Final Frontier Games- компанија за дизајн и производство на друштвени игри. Војкан говореше за тоа како тој и неговиот тим, водени од целта да успеат самостојно и користејќи го интернетот како ресурс за знаење и можности, го пробиле нивните производи на светски пазат. „Во 2017 година навистина ви се многу помали изговорите за да се откажете и да не успеете“, напомена Војкан, препорачувајќи им на присутните да го гледаат пазарот и надвор од Македонија, но ги замоли да не ја напуштат.

Најмладиот говорник за овој Мотивациски викенд, Анита Кирковска, NASA Datanaut и Growth Hacker во Adeva, им посочи на присутните да си дефинираат зошто се присутни на овој настан и да го искористат за себе. Анита, како млада личност им потенцираше на младите во публиката дека сега е најдоброто време за нив да пробуваат нови работи. Како нејзина водилка кон успехот ја наведе упорноста и наведе „сѐ што можете да си замислите е изводливо и има начин за да се оствари“.

По кратката пауза, следуваа повторно две работилници. Ирена Чаушевска и Стефан Савевски од Newman’s Business Accelerator зборуваа за тоа „Како да го испланираш својот кариерен пат за 60 минути“. Со учесниците разговараа за нивните силни страни, интереси, образование, за идеалното место на кое би работеле и сл. Потоа ги предизикаат да дефинираат по три цели за себе, за една година, за три и за пет години.

Иван Јованов и Илија Станковски од ЗГ Лидери за едукација, активизам и развој го претставија Crowdfunding-от како алтернативен модел на финансирање.

 Денот го продолживме со Лабина Митевска, добро познатата актерка и продуцентка од Македонија, но со светска кариера. Таа со публиката сподели за тоа како животот понекоташ спонтано не пренасочува на поинаков пат од планираниот. Упорноста и посветеноста се обележје на нејзината кариера. „Кога првиот пат кажав дека не верувам во себе, животот ми покажа дека мораш да веруваш во себе и мораш и невозможното да го направиш возможно“, сподели Лабина, потенцирајќи ја важноста од вербата во себе, но и од поддршката на најблиските.

Вториот ден, а воедно и целиот Мотивациски викенд, го затворивме со говорот на Димитар Попов, основач на Reborn и видео продукцијата Reborn Studio. Животот во Америка, покрај големиот број можности кои му ги понудил, го принудил да работи двојно повеќе од останатите, за по 12 години живеење таму, да се врати дома за да придонесе за нашата земја. „Сите имаме пристап до сѐ и секој од вас може да биде на мое место, за истото време, само доколку се одлучите и почнете да го правите“, потенцираше Димитар.

И оваа година, на присустните и говорниците им понудивме можност за вмрежување, размена на идеи и можности за понатамошна соработка. Се надеваме дека целта беше постигната и дека овој Мотивациски викенд беше навистина настан за мотивација, инспирација, вмрежување и успех.