Младинска размена “Is anybody out there?”

Во периодот од 7- 16 Јули во Рим, Италија се одржа младинска размена насловена “Is anybody out there?”  Темата на размената беше социјално претприемништво, разлики помеѓу урбани и рурални средини како и стекнување компетенции за активно учество на младите во своите заедници. Младите Можат како партнери на невладината организација Cherry International Foundation од Холандија и YOBBO од Италија земаа учество на оваа размена, на која 40 млади од Италија, Холандија, Македонија, Хрватска, Бугарија, Романија и Литванија имаа можност да ги развијат своите вештини и да научат нешто ново.

Учесниците на размената се запознаа со начинот на живеење на младите од руралните и урбаните средини како и со претприемачките можности во нивите заедници, преку интерактивни вежби, искуствено учење и дискусии. Тимска работа, проектен менаџмент, коучинг и претприемништво беа некои од темите на кои младите работеа во изминатиот период. Како практична примена на добиените знаења младите имлементираа идеи со што решија одреден проблем во заедницата.

Имено, младинската размена е дел од Еразмус + програмата  која нуди различни можности за образование, обука, настава, меѓународна соработка и развој на меѓународни проекти и иницијативи. Целта на програмата е да промовира меѓународна соработка на лица и да ја зголеми соработката помеѓу различните организации вклучени во високото образование во Европа.

По завршување на размената петте млади учесници од Македонија ќе треба да ги применат знаењата како и да организираат настан со што ќе ги споделат стекнатите искуствата.