Градење и зајакнување на капацитетите на постоечката Училишна заедница во гимназијата “Никола Карев”

Во периодот Септември-Ноември 2015 година, фондацијата Конрад Аденауер во соработка со здружението на граѓани Младите можат го спроведе првиот пилот-проект за зајакнување и градење на капацитетите на постоечката Училишна заедница на гимназијата “Никола Карев” во Скопје. Целта на проектот е да се поттикнат учениците самите да развијат функционален и одржлив модел на Училишна заедница предводена од самите нив, која ќе послужи како модел за останатите средни училишта во државата.

Во овој проект учествуваа 25 ученици претставници на Училишната заедница.

Учениците како дел од овој проект поминаа низ две фази.

Првата фаза опфати три дводневни обуки. Првиот модул беше на тема “Младинско учество и младински политики” кој се одржа на 02 и 03 Октомври. На овој модул учениците имаа можност да научат како учеството влијае врз младите и општеството, колку се младите вклучени во општествениот живот во Македонија и како функционираат училишните заедници во Македонија. Исто така се запознаа со степените на Младинско учество како и со телата и институциите задолжени за младите во Македонија.

Веќе на вториот модул одржан на 09 и 10 Октомври истите ученици дискутираа за процесите на носење на одлуки во учелиштето. Преку интерактивни предавања и дискусии се стекнаа со вештини за лобирање и застапување, преговарање, аргументирање и подготвување барање.

На 31 Октомври и 01 Ноември беше и последниот дел од првата фаза. Всушност во просториите на гимназијата се одржа симулација за функционирање на Училишната заедница. Учениците се соочија со реален проблем и имаа можност да ги применат дотогаш стекнатите вештини и знаења.

Втората фаза се одвиваше од 13-16 ноември во хотел Срна – Маврово. Беше организиран завршниот настан во рамките на овој прв пилот проект-стратешко планирање на Училишната заедница. Целта на семинарот беше самите ученици да направат предлог модел врз кој ќе се базира работата на Училишната заедница во наредните 3 години.Низ 4 дневни интензивни сесии кои опфатија индивидуална и групна работа, учениците креираа модел кој опфати: дефинирана визија; дефинирана мисија; приоритети на делување; цели на делување; процедури за работа и акциски план. Овој дел беше и најинтересен и најпродуктивен за учениците. За тоа говорат и тие самите: Научивме дека понекогаш колку и да е тешко , ако сме доволно упорни и сложни , секоја наша замисла , цел , потреба , визија , мисија не е неостварлива , научивме дека препреките се дел од патот кон успехот , и дека токму тие ни ги покажуваат нашите недостатоци и посочуваат каде треба да се подобриме, за на самиот крај со насмевка на лицето слободно отфрлувајки ги сите наши стравови  да кажеме дека сме успеале во она што силно сме го посакувале.

Се на се, овој проект за средношколците претставува едно огромно искуство од кое стекнаа и научија многу вештини и знаење кои ќе им користат како во нивната Училишна заедница, така и во понатамошниот живот.Овој предлог модел понатаму ќе биде предмет на консултација со засегнатите страни во училиштето (директор, училишен одбор, наставнички совет, ученици) се до негово финално усвојување.

Преку одржаните модули, симулации, обуки, совети сфативме колкав потенцијал и енергија се крие во самите нас. Иако на моменти можеби беше исцрпувачки и напорно , стекнатото искуство и знаење е непроценливо.

 Беше многу интересно, едукативно, стекнав огромно искуство и ми даде инспирација за да се приклучам и во други вакви настани.“

 „Од визија и мисија до акциски план, многу продуктивно и корисно искуство како во рамките на училиштето, така и за секојдневните предизвици, проследено со одлична дружба, и напорна работа.“

Преку пронаоѓање на вистинскиот пат, со правилни одлуки и соработка, применувајки го сето ова знаeње, ние ќе бидеме оние кои ќе бидат победници, ние ќе бидеме оние чие мислење ќе допре до ушите на училишните служби и пошироко , ние ќе бидеме оние кои директно ќе влијаат врз одлуките во училиштето кој ги чувствуваме на сопствена кожа , ние ќе бидеме оние кои ќе направат позитивни промени во училиштето и надвор од него. Бидејки ние можеме … !